Две деца – тригодишно девојче и двомесечно бебе, беа спасени речиси 60 часа откако свлечиште го погоди нивното село на Филипините.
Филипинскиот Црвен крст објави фотографии од девојчето спасено од урнатините.
Девојчето и момчето на само два месеци веднаш биле пренесени во болница, јавуваат медиумите.
Медиумите нивното спасување го опишаа како „чудо“, бидејќи спасувачите изгубиле надеж дека ќе најдат некој жив.
Девојчето беше меѓу повеќе од 100 исчезнати лица откако нивното село беше погодено од лизгање на земјиште предизвикано од силен дожд, при што загинаа најмалку 11 луѓе.
Девојчето било пронајдено откако спасувачите копале со голи раце и лопати за преживеаните, изјави за АФП претставник на агенцијата за катастрофи Едвард Макапили.
„Тоа е чудо и им дава надеж на спасувачите. Отпорот на детето е обично помал од оној на возрасните, а сепак детето преживеа“, рече тој, додавајќи дека спасувачите мислеле дека сите исчезнати најверојатно се мртви.
Тој додал дека девојчето сега е кај нејзиниот татко и дека нема видливи повреди.