Сириските државни медиуми и активисти тврдат дека две лица загинале во израелски напад врз главниот град Дамаск, јавува Би-Би-Си.
Сириската армија соопшти дека двајца цивили загинале кога неколку проектили погодиле станбен блок во населбата Кафр Соуса.
Сириската опсерваторија за човекови права, невладина организација со седиште во Обединетото Кралство извести дека во областа биле видени високи функционери на иранската револуционерна гарда и на либанскиот Хезболах.
Израелската војска не го коментираше инцидентот, но претходно потврди дека изведува напади врз цели во Сирија поврзани со Иран и неговите платенички групи. Израел, наводно, ги засилил ваквите напади од почетокот на војната во Газа, како одговор на нападите на Хезболах и другите ирански платеници кои дејствуваат во поддршка на палестинскиот Хамас.
Минатиот месец, во напад во Дамаск, за кој беше обвинет и Израел, беа убиени пет високи офицери на Револуционерната гарда и неколку сириски безбедносни службеници. Сириската државна новинска агенција Сана цитираше воен извор кој вели дека неколку проектили биле забележани како летаат од правец на Голанската висорамнина окупирана од Израел.
Објавени се снимки и фотографии од оштетената зграда. Оштетени се и неколку возила паркирани на улицата.