Силна зимска бура зафати големи делови од западниот дел на САД, при што жителите во Калифорнија беа повикани да се засолнат и да се подготват за прекин на електричната енергија, силни ветрови и рекордни количества снег овој викенд, веројатно и до 3 метри, пишува Гардијан.
Опасните услови во регионот на Сиера Невада се очекува значително да се влошат во текот на викендот, со висок ризик од снег, слаба видливост и лавини низ планинскиот венец, што ќе го оневозможи патувањето. Можни се удари на ветер и до 160 километри на час, информираат од метеоролошките служби.
Ваквите екстремни количества на снежни врнежи се меѓу највисоките забележани во оние региони кои не се навикнати на вакви временски услови. Комбинацијата на феноменот Ел Нињо и последиците од глобалното затоплување се водечка причина за ваквите бури што ја опустошија Калифорнија оваа зима, според климатолозите.