Авионот на „Ер Европа“ за Уругвај го погодија силни турбуленции во кои се повредени 30 лица, поради што принудно слета во Бразил, јавува „Би-би-си“.
Авионот Боинг 787-9 Дримлајнер на „Ер Европа“ летал од Мадрид кон Монтевидео кога се случил инцидентот во воздух, соопшти компанијата.
Летот UX045 на пат кон уругвајската метропола беше пренасочен кон аеродромот Натал во североисточен Бразил, напиша шпанската компанија на „Икс“.
Констатирано е и дека на повредените патници им била укажана помош.
„Нашиот лет за Монтевидео беше пренасочен кон Натал поради силни турбуленции“, објави „Ер Европа“ на својата социјална мрежа.
„Авионот слета нормално, а оние со повреди со различна тежина веќе се лекуваат“.
Според „Ер Европа“, вториот авион требаше да полета од Мадрид подоцна во понеделникот за да ги земе патниците и да продолжи кон Уругвај.