Си претстави голем план за развој на Централна Азија

azija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска го претстави големиот план за развој на Централна Азија, од изградба на инфраструктура до зајакнување на трговијата, преземање на нова лидерска улога во регионот кој традиционално е сфера на влијание на Русија.

Кина е подготвена да ги координира развојните стратегии со Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан и да ја промовира модернизацијата на сите нив, рече Си во обраќањето на самитот Кина-Централна Азија во северозападна Кина.


– Овој самит додаде нов поттик за развојот и ревитализацијата на шесте земји и внесе силна позитивна енергија во регионалниот мир и стабилност, рече подоцна Си на прес-конференција со неговите колеги од Централна Азија.

– Заедно, ќе поттикнеме нова парадигма на длабоко комплементарна соработка на високо ниво во која сите добиваат, додаде тој.

Кина со својот ангажман се стави на чело на трката за политичко влијание и енергетски ресурси во енергетски богатиот регион, каде Русија е преокупирана со војната во Украина, а американското присуство во регионот е намалено.

Петте поранешни советски републики, со мрежа на трговски коридори, нудат на Кина алтернативни патишта за транспорт на гориво, храна и други стоки во случај на прекини.

Ветувањата за поддршка и соработка на дводневниот самит ќе претставуваат контраст на „негативната“ слика за Кина што ќе биде претставена денеска на самитот на лидерите на Г7 во Јапонија, коментираат светските агенции. Поддршката на Кина за Централна Азија, исто така, се чини како противтежа на американските обвинувања за нејзината принудна дипломатија.

Си рече дека Кина и земјите од Централна Азија треба да ја продлабочат довербата и да понудат „јасна и силна поддршка“ за основните интереси како што се суверенитетот, независноста, националното достоинство и долгорочниот развој.

Тој не ја спомна Украина, која, како и централноазиските држави, беше дел од Советскиот Сојуз.

– Кина е подготвена да им помогне на земјите од Централна Азија да го подобрат спроведувањето на законот, безбедноста и да изградат одбранбени способности, рече кинескиот лидер.

Кинескиот претседател оваа недела е домаќин на првиот самит Кина-Централна Азија во градот Сијан. Ова е прва средба во овој формат откако Кина воспостави дипломатски односи со Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан по падот на СССР.

Си на собирот рече дека регионот на Централна Азија и Кина треба да ја зајакнат „стратешката меѓусебна доверба за да се држи вечното пријателство“.

Тој ја истакна и потребата од проширување на безбедносната соработка во услови на сепаратизам, тероризам и екстремизам.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK