Борбите се интензивираат околу најголемата болница во Газа, која сè уште работи, но ќе пропадне доколку не стигне поголема помош, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Повеќето болници во Газа веќе престанаа со работа поради бомбардирање и недостиг по повеќе од три месеци израелска офанзива предизвикана од нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Болницата „Насер“ во Кан Јунис во централна Газа функционира на минимум и е опкружена од израелската армија, соопштија Обединетите нации.
„Ситуацијата околу Насер само се влоши, пукање, борби во близина, тешкотии за луѓето да дојдат или да си одат од болница“, рече портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер на брифинг во Женева.
Во болницата се засолнуваат илјадници прогонети, лекари и пациенти.
СЗО соопшти дека гладни толпи денеска нападнале пратка со храна наменета за болница поради доцнење во близина на израелски контролен пункт. На крајот храната не стигнала во болница.
Си-ен-ен објави дека луѓето во Газа јадат трева и пијат нечиста вода и се изложени на висок ризик од глад и смрт.
Друга пратка со гориво на СЗО за Насер не беше пуштена вчера, иако пристигна медицинска помош, рече Линдмајер.
„Одбивањето и одложувањата се дел од шемата што спречува хуманитарните резерви да стигнат до болницата и може да ја направат нефункционална“, додаде тој.
Опишувајќи ја болницата како „клучен симбол“, Линдмаер рече дека некои операции биле извршени на подови.
СЗО претходно соопшти дека половина од медицинскиот персонал побегнал и дека само двајца од 24 лекари останале таму.