Шведскиот Врховен суд ги отфрли барањата на Турција за екстрадиција на двајца мажи кои таа ги бара, тврдејќи дека делото за кое се обвинети дека го извршиле не е кривично дело во оваа скандинавска земја.
Лицата за кои станува збор, кои се бегалци во Шведска, не можат да бидат вратени назад во Турција, бидејќи „не е исполнет условот за двојно кривично дело“, објаснува највисокиот суд во соопштението.
Според турските власти, двајцата мажи биле дел од движењето на муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој побегнал во САД, „бидејќи ја преземале и користеле мобилната апликација што ја користеле членовите на движењето“.
Турција го обвинува Ѓулен за извршување на неуспешниот обид за пуч во 2016 година и го смета неговото движење за терористичка организација.
„Преземањето и користењето на мобилна апликација, само по себе, не може да се смета дека претставува такво учество како што се бара за криминал според Законот за терористички злосторства“, пресуди шведскиот Врховен суд.
Шведска го заостри своето законодавство за борба против тероризмот во мај, потег што се очекува да помогне да се убеди Турција да ја ратификува кандидатурата на скандинавската земја за влез во НАТО.
Лицата осудени за учество во екстремистичка организација се соочуваат со затворска казна до четири години. Но, казната може да се зголеми на осум години доколку има отежнувачки околности.
Шведскиот Врховен суд соопшти дека лицата би можеле да се соочат со кривично гонење доколку бидат екстрадирани во Турција, и потсети дека и двајцата имаат статус на бегалци во Шведска.