Што е Палестински исламски џихад: нивниот прв водач беше убиен од израелски шпиони на Малта

Што-е-Палестински-исламски-џихад-нивниот-прв-водач-беше-убиен.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Движењето Исламски џихад во Палестина (Ḥarakat al-Jihād al-Islāmī fī Filasṭīn) или Палестински исламски џихад е втората по големина вооружена група во Газа. Се смета за една од најекстремните палестински вооружени фракции, а дејствува и на Западниот Брег. Израелците ги обвинија џихадистите за смртоносната експлозија што се случи вчера кај болницата Ал Ахли во Газа.


Џихадистите отфрлаат каков било политички мировен процес и гледаат воена победа над Израел како единствен начин да ја постигнат својата цел за формирање исламска држава низ Израел, Западниот Брег и Газа. Тие имаат свои резерви на ракети и минофрлачи, а пред еден месец нивното воено крило, бригадите Ал Кудс, броеше неколку стотици борци, сметаат аналитичарите.

Не е јасно колкумина останаа живи откако значителен дел од тие сили беа ангажирани во нападите на 7 октомври што резултираа со израелско бомбардирање на Газа. Групата објави дека држи десетици израелски заложници. Џихадистите речиси сигурно задржуваат доволно борбена способност и да истрелаат ракети и да се борат против сите израелски војници кои би можеле да влезат во Газа во копнена офанзива.

Иако често тесно соработуваше со Хамас, сепак тоа се две ривалски групи. Стратешките, идеолошките и меѓучовечките разлики одамна го спречуваат нивното вистинско зближување. Палестинскиот исламски џихад отсекогаш останал таинствен, со поделена клеточна структура, за разлика од масовната мобилизација што ја фаворизира Хамас, пишува Гардијан.

Нема широка мрежа за социјална заштита или вклученост во администрацијата. Исламскиот џихад и Хамас често се судираат околу тактиките, преговорите и низа други прашања, иако многу од нивните крајни цели и суштински исламистички верувања остануваат идентични.

Групата е основана во 1981 година од Фати Абд ал-Азиз ал-Шикаки како дел од новиот бран на радикализација што го зафати Блискиот Исток. Нејзините рани водачи беа инспирирани од екстремистичките мислители и активисти на Муслиманското братство во Египет во доцните 1960-ти, насилниот активизам таму во 1970-тите, а потоа и Иранската револуција од 1979 година. Списите на ајатолахот Рухолах Хомеини беа особено влијателни.

Во раните години, Џихад привлече незадоволни членови на секуларните, левичарски групи кои претходно доминираа во палестинската националистичка „вооружена борба“, како и поранешни членови на Муслиманското братство кои веруваа дека борбата против Израел треба да биде приоритет на движењето. Во последниве години, повеќето регрути беа регрутирани од редовите на образовани млади мажи во Газа и на Западниот Брег.

Групата брзо ја усвои релативно новата тактика на бомбаши самоубијци, започнувајќи серија такви напади против израелски воени и цивилни цели, иако групата претрпе голем неуспех кога Шикаки беше убиен, наводно од израелското разузнавање, на Малта во 1995 година.

По смртта на нивниот лидер, џихадистите продолжија со ретки насилни напади во Израел. Групата потоа доби нова сила за време на Втората интифада од 2000 до 2005 година, што и овозможи да се прошири на Западниот Брег и со преземањето на Газа од Хамас во 2007 година.

Голем дел од средствата ги добиваат од Иран, велат Американците. Други извори може да вклучуваат Сирија, донации од богати Палестинци во Газа и собирање средства во странство. Седиштето на групата е во Дамаск, каде што живее нејзиниот сегашен водач Зијад ал-Нахалах и има канцеларии во Техеран.

Минатата недела, иранскиот претседател Ебрахим Раиси му се јави на Нахала за да му каже: „Она што се случи на окупираните територии и во борбата со узурпирачкиот ционистички режим беше огромен, уникатен настан во изминатите 70 години, а вие навистина ја израдувавте исламската заедница со оваа иновативна и победничка операција“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK