Милиони Шпанци се соочуваат со зголемените кирии за изнајмување станови бидејќи, на пазарот со мала понуда, многу сопственици ги издаваат своите простори на туристи, предупредуваат станарите и нивниот синдикат. „Ова е хорор. Не можете да најдете ништо пристојно под 600 евра месечно, без разлика дали тоа е мало студио или стан што го делите со други луѓе“, вели 36-годишната Елиса, која дошла да живее во Мадрид, во август бидејќи таму се вработила во државната служба.
Барселона има најскапа кирија меѓу градовите, каде во просек е потребно да се плати 19,2 евра за метар квадратен, додека во главниот град Мадрид цената е 17,4 евра, покажуваат податоците за август на компанијата за недвижности „Идеалиста“. Следат крајбрежниот баскиски град Сан Себастијан и летните одморалишта Марбела и Палма де Мајорка. За да изнајмите стан од 90 квадратни метри во Барселона, потребно е да платите 1.746 евра месечно, а во Мадрид 1.566 евра. И во двата случаи цената ја надминува месечната минимална бруто плата од 1.080 евра.
Првите три недели по пристигнувањето во Мадрид, Елиса ги поминала во просторот на Црквата наменет за студенти, кои биле на летен одмор, каде платила 330 евра. Таа потоа барала сместување преку онлајн агенциите „Idealista“ и „Fotocasa“. „Ми понудија станови што ќе ги делам со 4, 5 или 6 луѓе, со една бања. Или некаков стан без прозорци со чудни луѓе“, вели таа за „Хина“.
„Сопствениците само полудеа“, се жали Елиса. Околу 15,9 отсто од Шпанците живееле во стан под кирија во 2011 година, додека 13,5 отсто од нив живееле на овој начин десет години порано, покажуваат најновите податоци на шпанската статистичка служба. Повеќе од 7,7 милиони луѓе во 3 милиони станови сега плаќаат кирија на станоиздавачите.
Околу 48,7 отсто од Шпанците како Елиса се на прагот на сиромаштија бидејќи половина од нивниот приход оди за плаќање кирија. Шпанија, заедно со Литванија, каде 40 отсто од станарите одвојуваат над 40 отсто од својот приход за кирија, е на самиот врв во Европската унија според бројот на такви сиромашни граѓани, покажуваат податоците на статистичката служба „Еуростат“.