Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека европските земји и членките на НАТО нема да испраќаат војници во Украина.
„Се разговараше дека она што беше договорено меѓу сојузниците од почетокот важи и за иднината, а тоа е дека на територијата на Украина нема да има војници на европските земји или членки на НАТО“, изјави Шолц по самитот на европските лидери.
Тој посочи дека европските земји се подготвени да набават оружје од трети земји, надвор од Европа, со цел да се забрза испораката на воена помош за Украина, пренесе Ројтерс.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус исто така одби испраќање копнени трупи во Украина.
„Тоа не е опција за Сојузна Република Германија“, рече Писториус на прес-конференција.
Портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак денеска изјави дека Велика Британија не планира да распореди борбени трупи во Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во понеделникот, по самитот на европските лидери во Париз, дека иако нема консензус за испраќање војници од европските земји во Украина, „ништо не може да се исклучи“.