Кинескиот претседател Шји Џинпинг денеска се сретна со сирискиот претседател, Башар ал Асад во Хангжу, главниот град на источната кинеска провинција Жеџијанг, јавува новинската агенција „Ксинхуа“.
Сирискиот претседател е во Хангжу за да присуствува на церемонијата на отворање на 19. Азиски игри закажани за сабота.
„Денеска заеднички ќе го објавиме воспоставувањето на кинеско-сириското стратешко партнерство“ најави Шји и додаде дека тоа ќе биде пресвртница за билатералните односи.
Тој рече дека кинеско-сириските односи го издржале тестот на промените во меѓународната ситуација и дека нивното пријателство е зајакнато.
Сирискиот претседател Башар ал Асад вчера пристигна во Кина во прва посета на земјата од почетокот на 12-годишниот конфликт во Сирија.
Минатата година Сирија се приклучи на кинеската иницијатива „Појас и пат“, во која Пекинг го проширува своето влијание во регионите во развој преку инфраструктурни проекти.