Мајката на 6-годишното момче кое пукаше и ја рани својата учителка во Вирџинија е осудена на две години затвор поради кривично дело занемарување на детето. Казната изречена од судијата на Окружниот суд Кристофер Папиле на Дежа Тејлор беше многу построга од максималната казна од шест месеци што ја препорачаа обвинителите како дел од договорот за признавање вина.
Тејлор (26) се изјасни за виновна по едно обвинение за занемарување. Како дел од договорот за признавање вина, обвинителите се согласија да се откажат од обвинението за несовесно чување огнено оружје. Сепак, судијата рече дека е неопходно да се разгледа психолошкото и емоционалното влијание на пукањето врз наставничката Абигејл Цвернер и другите ученици и персоналот во основното училиште Ричнек во Њупорт Њуз.
Цвернер беше критично повредена кога момчето испукало еден истрел кон неа, погодувајќи ја во раката и градите, при што ѝ скршил коски и го дупнал едното белодробно крило. Поминала со недели во болница, имала пет операции и рекла дека толку многу страдала психолошки што не планира да се врати на училиште, пишува Асошиејтед прес.
„Ние сме среќни што никој не беше убиен во основното училиште Ричнек“, рече судијата Папиле. Патем, Тејлор беше осудена во ноември на 21 месец федерален затвор за употреба на марихуана додека поседувала пиштол, што е нелегално според американските закони.
Двете казни ќе бидат отслужени една по друга, што значи дека таа ќе помине речиси четири години зад решетки. Нејзиниот син признал дека по пиштолот на мајка му посегнал во чанта на врвот на комодата, качувајќи се на фиока. Тој го скрил оружјето во својот ранец, а потоа го ставил во џебот пред да го застрела Цвернер.
Обвинителот Тревис Вајт тврди дека момчето, кое сега има 7 години, имало проблеми со „основната социјализација“ и страда од посттрауматски стрес синдром и несоница. „Тоа е длабочината на занемарувањето што Дежа Тејлор му ја нанесе на своето дете“, објасни Вајт. Тој го нарече пукањето „последица и манифестација на тоа невнимание“.
По пукањето, момчето поминало 227 дена на болничко лекување, при што било следено од тим лекари и психијатри. Момчето сега живее со својот прадедо, Калвин Тејлор, кој им кажа на новинарите дека мисли оти казната што ја одреди судијата Папиле е „прекумерна“.
Тој рече дека Дежа се обидела да добие помош за нејзиниот син пред пукањето, но службите за заштита на децата не го исполниле нејзиното барање. Дежа не зборуваше на денешното рочиште. Нејзиниот адвокат ја бранеше тврдејќи дека се борела со зависност и семејно насилство.