Северната хемисфера на Земјата погодена од високи температури и невремиња

visoki temperaturi
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Десетици милиони луѓе вчера беа засегнати од пеколните температури што ја зафатија северната хемисфера, во Калифорнија беснееја разорни пожари, додека Азија ја погодија невообичаени бури, што е нов доказ за климатските промени.

Во Европа, каде, според експертите, климатските промени се двојно побрзи од светскиот просек, неколку земји се посебно погодени.


Во Италија за 16 градови е издаден црвен метео аларм, со очекувана температура од 36 до 37 степени, но се чувствува уште повисока, до 40.

Шпанија исто така преживеа жешка седмица, а Канарскиот остров Ла Палма викендов беше опустошен од пожар кој изгоре 5.000 хектари земја, а беа евакуирани 4.000 луѓе.

Шпанската метеоролошка служба вчера издаде портокалово предупредување за денеска, поради температури од 38 до 42 степени на голем дел од полуостровот и Балеарските острови, а црвено предупредување (највисока опасност) за денеска е издадено за делови од Андалузија и за вторник за Арагон, Каталонија и Мајорка каде што се очекуваат 42 до 44 степени Целзиусови.

Во Грција горештините би требало малку да попуштат, а атинскиот Акропол вчера во најтоплиот дел од денот беше затворен за посетители.

Во САД, од Флорида преку Тексас до Калифорнија, голем дел од југот вчера беше погоден од топлотен бран што синоптичарите го опишаа како „задушувачки“, најавувајќи рекордни температури.

Во познатата Долина на смртта, во Калифорнија, во сабота навечер се измерени дури 51 Целзиусов степен, а се очекуваат дури 54 степени.

Покрај високите температури, Калифорнија ја зафатија и големи пожари кои досега изгореа над 1.214 хектари, а жителите се евакуирани.

На други делови од САД им се заканува невреме.

– На места можни се силни бури, врнежи и поплави, особено во Нова Англија, каде што земјата е веќе натопена од неодамнешните дождови, соопшти Националната метеоролошка служба.

Поројните поплави завчера однесоа три животи во округот северно од Филаделфија, Пенсилванија, а четири лица се уште се водат како исчезнати, соопштија локалните пожарникари.

Годинава во Канада веќе изгореа повеќе од 10 милиони хектари, што е убедливо најмногу досега, покажуваат податоците на Националниот центар за шумски пожари, според кои во моментов има 906 активни пожари, од кои 570 се вон контрола.

Во Јапонија вчера беа регистрирани високи температури во 20 од 47 јапонски префектури, а во поплавите по обилните врнежи загинаа осум лица.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK