Северна Кореја соопшти дека нема да толерира обиди на непријателски сили да ја ограничат нејзината меѓународна соработка и порача дека новите санкции нема да го спречат развојот на земјата и заштитата на нејзините интереси, објави државната агенција КЦНА.
Пјонгјанг го обвини Мултилатералниот тим за следење на санкциите (МСМТ), составен од 11 држави, дека изготвил лажен извештај со кој, според Северна Кореја, „нормалната и заемно корисна економска соработка“ со други земји се прикажува како незаконска активност.
Во извештајот на МСМТ, објавен на 16 септември, се наведува дека Северна Кореја продолжува да испраќа работници во странство спротивно на резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Се проценува дека во 2025 година на овој начин земјата заработила меѓу 450 и 800 милиони долари, кои, според извештајот, се користат за финансирање на нуклеарната и балистичката програма.
Според проценките, меѓу 35.600 и 101.280 севернокорејски работници сè уште работат во најмалку 17 земји, главно во Кина и Русија.