Претседателот на Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат, Марк Ворнер, рече дека е загрижен поради одлуката на изборниот штаб на Џо Бајден да ја користи апликацијата „Тик-ток“, на што Белата куќа рече дека ништо не се променило во однос на загриженоста на владата за националната безбедност.
Ворнер рече дека е загрижен за импликациите за националната безбедност на кинескиот „Тик-ток“ и одлуката на персоналот на Бајден да се приклучи на социјалната мрежа, објави Ројтерс.
„Мислам дека треба да најдеме начин да ја следиме Индија, која го забрани „Tик-ток“, рече Ворнер.
Голем број републикански членови на Конгресот, исто така, ја критикуваа одлуката на персоналот на Бајден за „Tик-ток“, наведувајќи ја загриженоста за националната безбедност.
Белата куќа соопшти дека забраната за употреба на „Tик-ток“ на владините уреди, која беше одобрена од Конгресот на крајот на 2022 година, останува на сила.
Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби изјави дека од перспектива на Советот за национална безбедност „ништо не се променило во однос на загриженоста за националната безбедност во врска со употребата на „Tик-ток“ на владините уреди“, пренесува Радио Слободна Европа.
Комитетот за странски инвестиции во САД, кој го води Министерството за финансии, минатиот март побара од кинеските сопственици на „Tик-ток“ да ги продадат своите акции или ќе се соочат со можноста апликацијата да биде забранета, но администрацијата оттогаш не презеде ништо.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека Белата куќа претходно ја усвоила легислативата предложена од Ворнер и други за да и се дадат на администрацијата нови алатки за справување со заканите од апликациите во странска сопственост.
Минатиот месец, од „Tик-ток“ изјавија дека 170 милиони Американци сега ја користат нејзината апликација за кратки видеа.
Персоналот на Бајден соопшти дека презема дополнителни мерки на претпазливост околу уредот и користи софистициран безбедносен протокол за да се обезбеди безбедност“, бидејќи работи на привлекување на голем број млади гласачи кои ја користат апликацијата „Tик-ток“.