Семејството на Асанж вели дека тој е „опасно близу“ до екстрадиција во САД

war
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е „опасно блиску“ да биде екстрадиран во САД, откако на суд му беше одбиена уште една жалба, соопшти неговото семејство.

Неговите адвокати велат дека повторно ќе се жалат до истиот суд, поради стравувањата дека би можел да го помине остатокот од својот живот во затвор поради објавување на неколку илјади доверливи воени и дипломатски документи.


Во пресудата на три страници објавена во вторникот, судијата на Високиот суд на Обединетото Кралство Џонатан Свифт ги отфрли сите осум точки од жалбата на Асанж против екстрадицијата во САД, која беше потпишана од тогашната британска министерка за полиција Прити Пател во јуни минатата година.

Меѓутоа, Стела Асанж, сопругата на Џулијан, рече дека нејзиниот сопруг ќе подготви обновена жалба до повисокиот суд веќе следната недела, по што предметот ќе биде изнесен пред двајца нови судии на јавна расправа.

„Сè уште сме оптимисти, веруваме дека ќе победиме и дека Џулијан нема да биде екстрадиран во САД каде што се соочува со обвиненија кои би можеле да го стават во затвор до крајот на животот, во затвор со максимална безбедност, бидејќи објавил вистинити информации за злосторствата на американската влада“, изјави Стела Асанж.

Таткото на Асанж, Џон Шиптон, истакна дека основите на неговиот син за ново сослушување се „јасни, цврсти и праведни“.

Во жалбата на Асанж се наведува дека Пател, како министерка, погрешила во одлуката да ја одобри екстрадицијата бидејќи барањето го прекршува договорот меѓу САД и Велика Британија, кој вели дека „нема да биде одобрена екстрадицијата доколку делото за кое се бара екстрадиција е политичко дело“.

Адвокатскиот тим на Асанж е категоричен дека американската желба да дојде до Асанж е политички мотивирана.

Во жалбата се наведува и дека гонењето на Асанж е кршење на загарантираната слобода на говор и дека барањето за екстрадиција е злоупотреба на судскиот процес во Велика Британија.

Адвокатскиот тим на Асанж, исто така, истакна дека американската влада упорно погрешно ги толкува суштинските факти од случајот пред британскиот суд.

Одлуката на судијата Свифт им го остава последниот чекор на британските судови: одбраната има пет работни дена да поднесе жалба од 20 страници до Совет од двајца судии, кој ќе одржи јавна расправа.

После тоа, тој повеќе нема право на жалба во Британија, но Асанж сепак би можел да се бори против екстрадицијата пред Европскиот суд за човекови права, кој во декември минатата година потврди дека пристигнала жалба од Асанж.

Инаку, Асанж се соочува со 18 точки на обвинение за објавување доверливи документи од страна на Викиликс, кои беа резултат на протекувањето на поранешната американска воена разузнавачка Челзи Менинг.

Таа беше осудена на 35 години затвор, но беше ослободена откако беше амнестирана од Барак Обама во 2017 година. Доколку биде прогласен за виновен, Асанж се соочува со комбинирана казна до 175 години затвор.

Тој во моментов е во британскиот затвор Белмарш повеќе од четири години.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK