„САД побараа од американските компании да престанат да доставуваат стоки на повеќе од 600 субјекти во странство поради стравувањата дека нивните производи би можеле да бидат пренасочени во Русија и да се користат во инвазијата на Украина“, изјави вчера американски функционер.
Американското Министерство за трговија издаде писмени предупредувања до најмалку 20 компании во последните недели, што е последен обид да се запрат руските воени напори во Украина, изјави претставник на Министерството за трговија.
Имено, овие компании произведуваат и продаваат компоненти пронајдени во проектили и дронови на украинска територија.
Откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, САД и повеќе од 30 други земји воведоа серија санкции со цел да ги ослабат руските борбени способности за да го спречат пристапот до западната технологија. Сепак, американските компоненти сè уште се наоѓаат во руското оружје оставено на бојното поле во Украина, забележува Ројтерс.
„Во последните неколку недели испративме писма на адресите на повеќе од 20 американски компании, а секоја содржи список со повеќе од 600 странски субјекти“, рече помошникот државен секретар Метју Акселрод на годишната конференција за контрола на извозот.
„Во нашите писма баравме американските компании доброволно да престанат да снабдуваат стоки за овие земји поради високиот ризик од нивно пренасочување кон Русија“, истакна Акселрод.
Акселрод рече дека одредени американски претставници, исто така, директно контактирале со лидерите на американските компании за да разговараат за понатамошните чекори што може да се преземат за да се спречи нивните производи да завршат во Русија.