САД очекуваат истрага и казнување на сите оние кои ги прекршуваат законите на Босна и Херцеговина, вклучително и пресудите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој прославувањето на 9 јануари за ден на Република Српска го прогласи за неуставно, соопшти американската амбасада во Сараево.
„Уставниот суд на Босна и Херцеговина во повеќекратните пресуди јасно укажа дека одбележувањето на Денот на РС на 9 јануари е противуставно. Не станува збор за славење празник, туку за одлука тоа да се направи на 9 јануари. Поврзувањето на прославата со православен верски празник прекршува неколку одредби од Уставот на БиХ кои забрануваат дискриминација. Ова е прашање на право, а не на мислење“, се вели во реакцијата на амбасадата на социјалната мрежа „Икс“.
Американската амбасада потсети дека почитувањето на одлуките на властите на ниво на БиХ, вклучително и на Уставниот суд, е обврска на двата ентитета што произлегува од Дејтонскиот договор. Испрати покана до судските власти во БиХ да постапат врз основа на одредбите од Кривичниот законик, кој непослушноста на одлуките на Уставниот суд ја дефинира како кривично дело, за што е пропишана затворска казна, и предупреди дека САД ќе реагираат кога ќе смета дека е потребно.
„САД дејствуваа за да се справат со ваквите антидејтонски акции во минатото и нема да се двоумат да го сторат тоа повторно“, се вели во соопштението објавено еден ден откако американските борбени авиони Ф-16 извршија воена вежба над воздушниот простор на БиХ и ja прелетаа Бања Лука додека таму траеше академијата на Додик.
Во декември и високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит го повика Обвинителството на БиХ да реагира и да ги гони сите функционери кои покажуваат дека не ги почитуваат пресудите на Уставниот суд.