Руски суд денеска го осуди активистот Олег Орлов на две и пол години затвор поради дискредитација на руските вооружени сили. Повеќе од две децении Орлов (70) беше еден од водачите на организацијата за човекови права Меморијал, која ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година, откако беше забранета и распуштена во Русија.
Станува збор за повторно судење. Минатата година, поради неговата возраст и здравје, окружниот суд го казни со 150.000 рубљи (1.616 американски долари), што е релативно лесна казна за критичар на војната во Украина, откако напиша напис во кој, меѓу другото, тврдеше дека Русија под Владимир Путин потонала во фашизам.
Обвинителите сепак се пожалија дека казната е прелесна, пишува Би-би-си. Вишиот суд ја поништи пресудата и беше наредено ново судење. Оваа недела, во својот завршен говор на новото судење, Орлов рече дека Русија сè подлабоко тоне во темнина, наведувајќи ја како пример смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
„Ја знаеме вистинската причина зошто нè приведуваат, зошто нè судат, апсат и убиваат. Не казнуваат затоа што се осмелуваме да ги критикуваме властите. Во денешна Русија ова е апсолутно забрането“, рече тој.