За време на синоќешниот руски напад врз Криви Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, беше погодена трафостаница. Станбени и индустриски потрошувачи останаа без струја, а повеќе од 100 работници останаа заробени под земја поради прекин на струја во два рудници.
„Русија изврши нов голем напад со беспилотни летала на области во јужна и централна Украина ноќта меѓу 1 и 2 февруари. За жал, една од трафостаниците на Укренерго беше оштетена. Станбените и индустриските потрошувачи во градот Криви Рих останаа без електрична енергија“, соопштија од Укренерго, националната енергетска компанија на Украина.
Оттаму додаваат дека нивните работници ја проверуваат опремата со вработените во Државната служба за итни случаи. Најавија дека веднаш потоа ќе почне да се работи на итната рехабилитација. Шефот на Воената управа на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак, објави дека два рудника останале без струја поради ударот на дронот Шахед.
Според првичните информации, повеќе од 100 работници биле заробени под земја, но Лисак рече дека до 7:30 часот по локално време, некои од нив биле извлечени на површината. Лисак извести дека повеќе од 40.000 граѓани во моментов се без струја.
Украинските воздухопловни сили тврдат дека успеале да соборат три беспилотни летала Шахед над областа. Инаку, Русите доцна синоќа лансираа серија нападни беспилотни летала од јужна Украина. Експлозии се слушнаа во градовите Кропивнички и Криви Рих.