Русија и Белорусија повторно се поканети на Нобеловата награда во Стокхолм, која се доделува еднаш годишно на церемонија која по правило се одржува на 10 декември – кога почина Алфред Нобел.
Откако минатата година беа испуштени поради Специјалната воена операција во Украина, годинава тоа не е случај, соопшти Нобеловата фондација.
Иран, исто така, е поканет повторно да присуствува на настанот во шведскиот главен град, откако не можеше да го стори тоа минатата година, јавува Би-Би-Си.
Фондацијата соопшти дека се обидува да ги вклучи дури и оние кои не ги делат вредностите на Нобеловата награда.
„Јасно е дека светот е се повеќе поделен и дека има се помалку дијалог меѓу земјите со различни ставови. За да се спротивставиме на оваа тенденција, сега го прошируваме нашиот повик да ја прославиме и разбереме Нобеловата награда и важноста на слободната наука, слободната култура и слободни, мирни општества“, рече Видар Хелгесен, извршен директор на Нобеловата фондација, објаснувајќи ја одлуката.
Шведската пратеничка во Европскиот парламент Карин Карлсбро ги нарече „крајно несоодветни“ поканите до споменатите земји.
Лидерот на антиимиграциските Шведски демократи, Џими Акесон, исто така, беше поканет за прв пат оваа година, но рече дека е премногу зафатен за да присуствува.
Пет од шесте церемонии за Нобеловата награда се одржуваат во Стокхолм секоја година, додека Нобеловата награда за мир се доделува во Осло.
Според традицијата, имињата на добитниците на наградите по области ќе бидат објавени во првата недела од октомври.