Русија ги осуди воздушните напади на Америка во Ирак и Сирија и повика ситуацијата да биде разгледана од Советот за безбедност на ОН.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека нападите биле „намерно дизајнирани за дополнително да ги разгорат“ тензиите на Блискиот Исток.
„Со напаѓање, речиси без пауза, објектите на наводните проирански групи во Ирак и Сирија, САД намерно се обидуваат да ги воведат најголемите земји во регионот во конфликт“, рече таа во соопштението.
Соединетите Држави започнаа воздушни напади во Ирак и Сирија против повеќе од 85 цели поврзани со Иранската револуционерна гарда и милицијата што таа ја поддржува.
Нападите беа извршени како одмазда на нападот во Јордан во кој загинаа тројца американски војници минатиот викенд.
Одговорноста за нападот ја презеде Исламскиот отпор во Ирак, чадор термин што го користат голем број групи поддржани од Иран во Ирак.