Родители го оставиле бебето да умре од глад, осудени се на доживотен затвор во Германија


Depositphotos_690778116_XL.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Германија беше потресена од случајот, кој судијата го опиша со зборовите: „Ова го остава човекот без зборови“. Покраинскиот суд во градот Ицех ги осуди мајката и таткото кои ја оставија својата четиримесечна ќерка да умре од глад на доживотен затвор.


Судот утврди дека станува збор за убиство со тешка злоупотреба на дете кое било под нивна непосредна заштита.

Претседавачкиот судија Јохан Ломан, изрекувајќи ја пресудата, рече дека ова е еден од најстрашните случаи со кои се соочил судот.

Според наодите на судот, родителите, кои двајцата имале 24 години во времето на трагедијата, толку многу го запоставиле своето бебе во текот на септември 2025 година што девојчето починало на 26 септември.

Обдукцијата покажа дека непосредна причина за смртта е гладување.

За време на постапката, обвинителството изјави дека родителите не обезбедиле доволно храна и течности и дека биле свесни дека нивното однесување може да доведе до смрт на детето.

За време на судењето, мајката призна дека околу две недели пред нејзината смрт, забележале дека бебето одеднаш губи тежина. Наместо веднаш да побараат медицинска помош, решиле да пробаат почесто доење и дополнително хранење.

Таа изјавила дека девојчето не го прифатило шишето, но дека, и покрај ова, го одложиле одењето кај педијатар, сметајќи дека не станува збор за сериозен проблем.

Во исто време, таа признала дека ги пропуштила закажаните лекарски прегледи поради преоптовареност.

Таткото му кажал на судот дека тој и неговата сопруга биле исцрпени од грижата за три мали деца. Покрај починатото девојче, тие имале и тригодишни близнаци, објавува весникот „Шпигел“.

„Постојано имав чувство дека не сум фер кон децата“, рекол таткото, додавајќи дека едвај се сеќава на целиот месец во кој починало бебето, освен на самиот ден на нејзината смрт.

Судскиот совет не ги прифатил ваквите објаснувања, оценувајќи дека родителите биле должни да реагираат навремено и да побараат медицинска помош.

Случајот предизвика силни реакции кај германската јавност и повторно го отвори прашањето за заштита на најмладите деца и навремена интервенција на социјалните и здравствените служби во семејствата кои покажуваат знаци на сериозни проблеми.

Судот заклучи дека четиримесечното девојче било целосно беспомошно и целосно зависно од своите родители, кои имале законска и морална обврска да ѝ обезбедат храна, грижа и медицинска помош.

Наместо тоа, животот на детето бил згаснат од глад – трагедија што ги остави и судиите и германската јавност во шок.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK