Рекордни 117 милиони луѓе беа принудно раселени минатата година

begalski-kamp.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Агенцијата на Обединетите нации за бегалци денеска објави дека бројот на принудно раселени лица минатата година достигна рекордни 117,3 милиони луѓе, предупредувајќи дека оваа бројка може да се зголеми доколку не се случат големи политички промени на глобално ниво.

„Тоа се бегалци, баратели на азил, внатрешно раселени лица, луѓе кои се принудени да заминат поради конфликт, прогон, разни и сè покомплексни форми на насилство“, рече Филипо Гранди, Висок комесар на ОН за бегалци (УНХЦР).

„Конфликтот останува многу, многу длабок двигател на раселувањето“, објаснува тој.

Во извештајот за глобалните трендови во присилното раселување, УНХЦР наведува дека е забележан годишен пораст на бројот на присилно раселени лица во последните 12 години.

УНХЦР проценува дека присилното раселување продолжило да се зголемува во првите четири месеци од 2024 година и дека бројот на раселени лица најверојатно ќе надмине 120 милиони луѓе до крајот на април.

„Доколку не дојде до промена во меѓународната геополитика, за жал предвидувам дека оваа бројка ќе продолжи да расте“, рече Гранди, мислејќи на ризикот од нови конфликти.

Конфликтите што доведоа до раселување ја вклучуваат војната во Судан, која Гранди ја опиша како „една од најкатастрофалните“ и покрај тоа што привлекува помалку внимание од другите кризи. Повеќе од 9 милиони луѓе се внатрешно раселени, а други два милиони побегнаа во соседните земји, вклучувајќи ги Чад, Египет и Јужен Судан, рече Гранди.

„Луѓето пристигнуваат по стотици секој ден“, рече тој, мислејќи на приливот на луѓе кои бараат безбедност во Чад.

Во Појасот Газа, израелското бомбардирање и копнената кампања доведоа до внатрешно раселување на околу 1,7 милиони луѓе, или речиси 80 отсто од населението на таа палестинска енклава, а многу од нив се преселиле неколку пати.

Гранди предупредува дека евентуалното преминување на жителите на Газа во Египет од градот Рафа на јужната граница за да избегаат од израелската воена офанзива би било катастрофално.

„Уште една бегалска криза надвор од Газа би била катастрофална на сите нивоа, меѓу другото затоа што немаме гаранции дека луѓето ќе можат да се вратат во Газа еден ден“, рече Гранди.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK