Русија внимателно ги разгледува африканските предлози за изнаоѓање решение за вооружениот конфликт во Украина, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин на пленарната седница на самитот Русија-Африка организирана во Санкт Петербург.
„Да ја земеме на пример иницијативата на голем број африкански земји за решавање на украинската криза. Тоа е сериозен проблем, не можеме да го игнорираме“, рече Путин пред неколку високи африкански функционери.
Путин додаде дека тоа значи многу, бидејќи „поранешните мисии за посредување беа монополизирани од земји со наводно напредни демократии“, пренесува Бета.
– Сега и Африка е подготвена да помогне во решавањето на проблемот што е надвор од нејзината приоритетна област на интерес. Ги почитуваме вашите иницијативи и внимателно ги проучуваме, рече Путин.
Самитот Русија-Африка доаѓа повеќе од една недела по истекувањето на договорот за жито што дозволи украинско жито да се извезува преку Црното Море и покрај конфликтот со Русија. Раскинувањето на тој договор предизвика загриженост кај африканските земји.