Првиот разузнавач на Германија: Русите се подготвени и за саботажа

putin46.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Кинезите се активни во Германија во собирање информации за воената технологија, изјави за Дојче веле Томас Халденванг, претседател на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, домашната разузнавачка служба на Германија.

Халденванг зборуваше за апсењето на тројца германски државјани поради сомнение дека на Кинезите им откриле информации за нови технологии кои можат да се користат за воени цели.

„Ова е случај од особено значење. Се занимаваме со проширување на активностите, се работи за знаење за производство на оружје“, додаде тој.

Халденванг разговараше за ДВ пред новото апсење во врска со наводното кинеско шпионирање. Во вторникот вечерта, помошник на европскиот претставник на Алтернатива за Германија (AfD) беше уапсен во Дрезден за давање информации на Кинезите.

Тоа беше само продолжение на шпионските игри во последно време. Претходно, двајца руско-германски државјани беа уапсени во Баварија под сомнение дека снимиле американски воени бази во Германија и подготвувале напад.

„Со години забележуваме дека Русија има развиено големи активности овде во Германија“, вели Халденванг. „Уште пред војната во Украина реков дека заканата е слична на онаа од времето на Студената војна“.

„Се разбира, сè беше интензивирано со рускиот напад врз Украина и мораме да разбереме дека Русија се занимава со шпионажа, сајбер шпионажа, операции за влијание, дезинформации“, продолжи првиот човек на германската разузнавачка служба.

Според него, Германија е особено нападната како „важен играч“ во воената и политичката поддршка за Украина. Украинските војници се обучуваат и во Германија.

Халденванг рече дека „во екстремен случај“, рускиот репертоар вклучува саботажа. „Може да се смета дека витален интерес на Москва е да ја спречи или попречи испораката на оружје за Украина. А земја која е подготвена да води војна со најбрутални средства сигурно нема да се оддалечи од саботажа. Така и ние во Германија мораме да бидеме подготвени за тоа сценарио“.

Како што наведе, германските служби се во состојба на готовност и веќе на почетокот на војната во Украина прогласиле „голем број руски агенти“ за непожелни, што ги „ослабнало можностите на руските служби во Германија“.

Како што додаде Томас Халденванг за ДВ, исламистички групи и поединци се на радарот на службата поради можни терористички напади. Особено што летово претстојат два големи спортски настани: Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Париз.

„И на тоа поле нивото на закана е високо. Во моментов, иако не се познати конкретни планови за напад, апстрактната опасност е исклучително висока“, додаде тој.

Тој изјави дека особено Исламската држава Корасан, активна во Авганистан и Пакистан, се залага за голем, спектакуларен напад.

„Можеме да замислиме различни сценарија. Едно многу опасно е, на пример, тимови на напаѓачи да доаѓаат во Германија, можеби некои веќе дошле, а потоа да извршат напад како група“, рече Халденванг.

Други сценарија вклучуваат радикализација на поединци, додаде тој. Како една од новите причини за радикализација, тој ја наведе ситуацијата во Појасот Газа и пропагандата на исламистичките групи кои поттикнуваат поединци да вршат напади.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK