Противниците на контроверзната судска реформа утринава ги блокираа патиштата на десетици места низ Израел на почетокот на најновиот протест против планот на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за слабеење на врховниот суд.
Илјадници луѓе се очекува да учествуваат на протестот во текот на денот, бидејќи владејачката коалиција продолжува да го спроведува планот за ограничување на овластувањата на судот да ги преиспитува нејзините одлуки.
Нетанјаху најави дека предлог-законот ќе биде изгласан во Кнесетот следната недела.
Утрово е блокиран и влезот во седиштето на израелската армија во Тел Авив.
Група резервисти наречени „Браќа и сестри по оружје“ ставиле пластични цевки на рацете за да ѝ отежнат на полицијата да ги брка.
Многу воени резервисти, кои се клучни за рутинските активности на армијата, предупредија во последниве месеци дека нема да можат да служат во, како што сметаат, недемократски Израел доколку се спроведе планот за реформи. Повиците да не се јавуваат должност беа упатени на почетокот на годинава, кога беше објавен планот за реформи, а како што напредуваше спроведувањето, растеше и бројот на противниците, иако беа осудени од политичарите и од власта и од опозицијата. Тие денеска поставија транспарент на статуата на Теодор Херцл, основачот на модерниот ционизам, на влезот во Херцлија на кој пишува „Ова не е она што го планирав“.
Утрово беше блокиран и влезот на берзата во Тел Авив пред демонстрантите да влезат во зградата и да демонстрираат внатре.
Противниците предупредуваат дека реформата ќе и нанесе голема економска штета на државата. Тврдокорната владејачка коалиција ги отфрли тие предупредувања, според израелските медиуми.
Демонстрантите денеска се собираат во Лод, Хаифа и Тел Авив, меѓу другите места, на протести наречени „ден на отпорот“ против реформите.
Тие предупредуваат дека законот за ограничување на судскиот надзор е обид на владата да се заштити себеси и нејзините одлуки, дозволувајќи и да назначува неквалификувани и корумпирани функционери и да менува технократи за кои смета дека се нелојални.
Поддржувачите велат дека е неопходно да се скратат овластувањата на неизбраните судии кои се мешаат во одлуките на демократски избраната влада.
Масовните протести во Израел се одржуваат редовно секоја сабота откако беше објавен планот за реформи. Минатата сабота по 28-ми пат се одржаа протести низ целата земја.
Планот за реформи предизвика критики и во странство, вклучително и во САД, кои се најблискиот сојузник на Израел.
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска во Белата куќа ќе се сретне со израелскиот претседател Исак Херцог во обид да ги одржи врските и покрај загриженоста за спорниот план за реформи.
На посетата на Херцог на Белата куќа и претходеше вчерашниот телефонски разговор меѓу Бајден и Нетанјаху и поканата на американскиот лидер за средба оваа есен во САД, иако тој изрази резервираност за коалициската политика на Нетанјаху.