Палестинските власти повикаа на меѓународна истрага откако во Газа беше пронајдена масовна гробница со тела во распаѓање на палестински затвореници со врзани очи и лисици на рацете.
Најмалку 30 тела се пронајдени во „црни пластични кеси“ во близина на училиштето Хамад во северниот дел на Газа, при што палестинските власти ги обвинуваат израелските војници за убивање цивили „во стил на егзекуција“.
Палестинското Министерство за надворешни работи повика на меѓународна истрага за, како што ги опиша, израелските „масакри“, барајќи „тим, да ја посети Газа за да се открие вистината и димензиите на геноцидот на кој е подложен палестинскиот народ“.
Сведоци за „Ал Џезира“ изјавија дека луѓето биле со врзани очи, мачени и убивани, по што ги ставале во вреќи.
„Додека чистевме, наидовме на куп шут внатре во училишниот двор. Бевме шокирани кога дознавме дека има десетици тела под тој куп“, изјави еден од сведоците за „Ал Џезира“.
„Во моментот кога ги отворивме црните пластични кеси, ги најдовме телата, веќе распаднати. Тие беа со врзани очи, а рацете и нозете им беа врзани“, додаде тој.
„Тие имаа лисици на рацете и нозете, а платнени ленти на очите.
Хамас рече дека организациите за човекови права треба да ја „документираат“ масовната гробница.
„Ова одвратно и други злосторства извршени од неонацистите врз нашиот палестински народ ќе останат прогонувачко проклетство. Ќе дојде ден кога тие ќе одговараат за нивната бруталност и злосторства кои ги надминуваат најстрашните прекршувања познати на човештвото во модерната ера“, се вели во соопштението на палестинската вооружена група на Телеграм.
Новинарот на „Ал Џезира“, Тарек Абу Азум, известувајќи од Рафа во јужна Газа, рече дека „состојбата на овие тела се движи од лошо распаднати, до скелетни остатоци, што ја отежнува нивната идентификација“.
Палестинската адвокатка за човекови права Дијана Буту изјави за „Ал Џезира“ дека овој инцидент „е самата причина зошто Израел беше изведен пред Меѓународниот суд на правдата“.
Буту додава дека откриената масовна гробница е „јасно воено злосторство“ и тврди дека мора да се истражи.
Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да ги преземе „сите мерки во негова моќ“ за да избегне палестински жртви и акти кои би можеле да претставуваат „геноцид“.
Минатиот месец, претставник на Обединетите нации за човекови права повика да се стави крај на злоупотребата на палестинските затвореници од страна на Израел и рече дека се сретнал со мажи кои биле притворени и тепани со недели, како и со врзани очи.
„Станува збор за мажи кои израелските безбедносни сили ги задржаа на непознати локации меѓу 30 и 55 дена“, рече Аџит Сунгај, претставник на ОН за човекови права.
„Има извештаи за пуштање мажи потоа, но само во пелени без соодветна облека на ова студено време“, рече тој, додавајќи дека не е јасно зошто биле принудени да носат пелени, но дека „тие биле видно шокирани и потресени кога ги запознале“.