– Парламентот на Португалија го одобри контроверзниот закон за легализирање на активната евтаназија, пренесе ДПА.
На петтиот обид да се донесе предлог-законот преку Собранието на Републиката во Лисабон, пратениците го поддржаа со јасно мнозинство од 129 гласови „за“ и 81 „против“.
Првите четири обиди не успеаја поради вето на претседателот Марсело Ребело де Соуса и поради приговорите на Уставниот суд.
Според уставот, шефот на државата сепак мора да даде согласност и да го одобри законот, кој е неколкупати ревидиран, во рок од осум дена од приемот во претседателската палата.
Активната евтаназија е прекршок во повеќето земји на ЕУ и може да носи тешки затворски казни. Во 2021 година, Шпанија стана четвртата земја што ја легализираше, по Холандија, Белгија и Луксембург.