Поранешниот украински претседател, Петро Порошенко, се надева дека ќе се врати на власт во земјата по војната, изјави тој за „Ал Џезира“.
Иако не може да се одржат избори во време на војна, Порошенко јасно стави до знаење дека планира да се кандидира кога тоа ќе биде можно.
„Но, пред тоа Украина мора да ја победи Русија“, рече тој.
„Оваа војна е поголема од Украина. Се работи за светски поредок, слобода, демократија. Ние се бориме овде и го спасуваме светот“, рече тој.
Порошенко, кој ја предводи најголемата опозициска партија, рече дека алтернативен план би бил да се кандидира за место во Европскиот парламент кога Украина ќе влезе во ЕУ.
Порошенко беше на функцијата пет години, а во 2019 година беше поразен од Володимир Зеленски. Според анкетите, украинската јавност се противи на одржување избори за време на војна.
Мандатот на Зеленски истекува на 20 мај, но според Уставот, тој може да остане на функцијата додека не биде заменет со наследник..
„По 20 мај, Зеленски ќе биде диктатор“, изјави вчера Сергеј Миронов, претседател на партијата „Праведна Русија – за вистината“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека Москва нема да разговара со Зеленски по тој датум.