Поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли денеска објави дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп може да смета на нејзиниот глас на претседателските избори во ноември.
Хејли на настан во Вашингтон рече дека не секогаш политички се согласува со Трамп.
„Но (американскиот претседател Џо) Бајден беше катастрофа и јас ќе гласам за Трамп“, рече таа.
Поранешниот американски амбасадор во ОН се откажа од трката за номинација на Републиканската партија во март и првично не сакаше да го поддржи Трамп. Хејли рече дека Трамп не треба да претпоставува дека ја има поддршката од нејзините гласачи, без оглед на нејзината лична одлука.
„Трамп би било мудро да допре до милионите луѓе кои гласаа за мене и продолжуваат да ме поддржуваат, а не да претпоставува дека тие едноставно ќе застанат покрај него“, предупреди денеска Хејли.
Изборите во САД на 5 ноември ќе бидат реванш меѓу Трамп и Бајден, кои немаат вистинска конкуренција во нивните партии.