Српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ во Брисел порача дека Србија бара Европската унија да го забрза процесот на проширување и што поскоро да го отвори Шенген просторот за земјите од Западен Балкан.
Тој оцени дека „тврдите граници“ низ регионот ја кочат економијата, туризмот и секојдневниот живот на луѓето, и дека нивното олеснување би донело значителен економски раст, проценет на околу 50 милијарди евра, без да се намали безбедноста на ЕУ.
Ѓуриќ истакна дека Европската унија се соочува со забрзани глобални промени и дека Србија очекува побрза интеграција во европските структури и заедничкиот економски простор.
Тој зборуваше и за ситуацијата во Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека Србија го поддржува Дејтонскиот договор и смета дека решенијата треба да ги носат домашните политички актери. Спомена и дека надворешните интервенции не треба да бидат клучни во внатрешните прашања на БиХ.
Во однос на дијалогот Белград–Приштина, Ѓуриќ повтори дека формирањето на Заедницата на српски општини сè уште не е реализирано, иако претставува обврска од договор постигнат во Брисел во 2013 година.