Полска, Унгарија и Словачка одлучија да воведат еднострана забрана за увоз на украинско жито и други производи од таа земја, откако Европската унија објави дека нема да ги продолжи ограничувањата што ги воведе, а кои истекуваат денеска на полноќ.
Полска воведува забрана за украинските житарки, а Унгарија забранува 24 производи од Украина, вклучувајќи житарки, зеленчук, неколку месни производи и мед.
„Ќе ја продолжиме таа забрана и покрај несогласувањето на Европската комисија. Ќе го направиме тоа бидејќи тоа е во интерес на полските фармери“, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки. Унгарската влада донесе декрет со кој се забранува увоз не само на украинско жито, туку и на голем број други земјоделски производи. Словачкиот министер за земјоделство Јозеф Береш исто така потврди дека Словачка продолжува со сопствената забрана за увоз на украинско жито.
Европската комисија претходно објави дека нема да го продолжи ембаргото за увоз на украински житарки во нејзините пет соседни земји.
Земјоделците од споменатите пет земји постојано се жалеа на заситеноста на пазарот на жито, што предизвика пад на цените и тие се соочија со банкрот. Со исклучок на Бугарија, останатите земји се залагаа за продолжување на забраната до крајот на годината.
Моравјецки во неколку наврати изјави дека Полска нема да дозволи да биде преплавена со украинско жито и дека не може да дозволи дерегулација на пазарот. Откако Русија се повлече од договорот за жито што ѝ дозволи на Украина да извезува жито преку пристаништата на Црното Море, ЕУ воспостави копнени патишта, таканаречени солидарни патишта.