Полска подготвува извештај за загубите и штетите додека беше сателит на СССР

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Полскиот Институт за воени загуби подготвува извештај за штетите кои ги претрпела Полска до падот на комунистичкиот режим во 1989 година, кога беше сателит на Советскиот Сојуз, сличен како изработениот извештај за Втора светска војна и германската окупација, изјави заменик министерот за надворешни работи Аркадијуш Муларчик.







Додека полскиот премиер Матеуш Моравјецки вчерашните закани од претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин ги оцени како класична руска пропагандна игра. Володин вчера изјави дека Варшава треба да и исплати на Москва над 750 милијарди долари за наводните советски вложувања во Полска по Втората светска војна.

– Советскиот сојуз, претходник на Русија, одговорен е за огромните материјални загуби во Полска. Тоа е типична руска пропагандна игра, посочи Моравјецки.

Володин вчера изјави дека „Полска мора да биде казната за предавство на историското памтење. Полска постои само благодарение на Русија. Полска мора да ги врати териториите што ги доби по војната, само благодарение на Русија“.

– Новиот полски извештај би претставувал основа за барањето отштета од Русија, како наследничка на СССР … Тоа мора да биде солидно изработен материјал кој ги покажува сите аспекти на окупацијата, така и демонтирањето на фабриките во западна Полска, подоцна експлоатацијата на полската држава, неповолните договори за јагленот. Работиме на тоа, посочи Муларчик.

По војната, со одлука на големите сили, цела Полска беше преместена на запад, а наместо териториите на запад од денешна Украина и Белорусија, доби дел од источните територии на Германија и старата пруска територија на север, а границата беше поставена кај реката Одра.

Полска добиваше воени репарации од Германија преку СССР и се откажа од нив во 50-тите години од минатиот век по налог на Москва, а откажувањето од репарации беше потврдено со подоцнежните билатерални договори меѓу Берлин и Варшава.

Ниту полската Влада ниту опозицијата не оспоруваат дека околу 660.000 војници на Црвената армија, Руси, Украинци и други народи на Советскиот Сојуз загинале за време на ослободувањето на нивната земја, но потсетуваат на улогата на полското движење на отпорот во ослободувањето. Полјаците, слично како Чесите и Словаците, на влијанието на Москва по Втора светска војна, гледаат како на окупација на земјата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK