Полицијата пронашла деветгодишно девојче со помош на отпечаток од прст на порака за откуп и моментално е безбедно.
Шарлот Сена исчезна во саботата додека возеше велосипед во северниот дел на Њујорк, што предизвика огромна 48-часовна потрага од стотици луѓе.
Пораката со барање за откуп подоцна била доставена до семејната куќа. Властите објавија дека на спорната порака имало отпечатоци од прстите на осомничениот. Полицијата успеала да го идентификува бидејќи отпечатокот од прст бил во нивната база на податоци од инцидент предизвикан од возење под дејство на алкохол во 1999 година.
Киднаперот бил пронајден на имотот во сопственост на неговата мајка и уапсен.
„По отпорот, осомничениот е приведен, а девојчето веднаш било пронајдено во шкаф. Знаела дека е спасувана, знаела дека е во сигурни раце“, изјавила гувернерката на Њујорк, Кети Хочул на прес-конференција.
„Она што се случи беше извонредно“, додаде таа. Гувернерот го именуваше осомничениот како 47-годишен маж со име Крег Нелсон Рос Џуниор. Од полицијата потврдија дека истрагата се уште е во тек и дека осомничениот е на распит.
Семејството на Шарлот кампувало кога таа исчезнала во саботата во шумска област на Државниот парк, популарно место на околу 70 километри северно од Олбани.
Гувернерката Хочул рече дека тоа е „најлошиот кошмар на секој родител“, додавајќи дека за време на потрагата добила телефонски повици од загрижени луѓе од целата држава. По исчезнувањето на Шарлот, пораката за откуп била фрлена во поштенското сандаче на нејзината семејна куќа во раните утрински часови во понеделникот.
Полицијата која ја надгледувала куќата собрала и идентификувала отпечатоци од прсти. Истрагата беше дополнително поддржана со податоци од мобилни телефони и евиденција на посетители на паркот, истакна Хочул за Си-Ен-Ен. Полицајците рекоа дека Шарлот е „безбедна и добро“, но превентивно е префрлена во болница.
Калахан Волш од Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца рече дека Шарлот можеби доживеала огромна траума. Полицијата соопшти дека во потрагата учествувале стотици луѓе, меѓу кои и вработени во ФБИ, доброволни противпожарни служби и доброволци.