Администрацијата на Доналд Трамп подготвува дополнителни мерки против Кина, изјави заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, откако Трамп го обвини Пекинг за „тотално кршење“ на прелиминарниот трговски договор со САД, пренесуваат медиумите во регионот.
„Ова отвора различни можности за дејствување од страна на САД за да се обезбеди усогласување со договорот во иднина“, изјави Стивен Милер за новинарите и додаде:
„Одредени мерки веќе се преземени, некои се во тек, а некои сè уште се разгледуваат. Би било крајно неразумно Кина да продолжи по овој пат и да не го избере патот на соработка“.
Според написите, поминаа неколку часа од објавата на Трамп на платформата Truth Social, но тој сè уште не разјасни на која конкретна акција од страна на Кина се однесува обвинувањето за кршење на договорот.
Сепак, еден американски функционер за Ројтерс изјави дека Кина се чини дека е бавна во издавањето извозни лиценци за ретки метални минерали.