Министерот за надворешни работи на Израел го нарече генералниот секретар „закана за светскиот мир“ додека Антонио Гутереш за првпат во својот мандат активираше член во кој го повикува Советот за безбедност да спречи хуманитарна катастрофа во Појасот Газа.
Тешката загуба на животи во Појасот Газа и Израел за релативно краток временски период ја поттикна одлуката на Гутереш да се повика на членот 99 од Повелбата на ОН во писмо до Советот за безбедност, за првпат откако ја презеде функцијата во 2017 година.
„Соочен со сериозен ризик од колапс на хуманитарниот систем во Газа, го повикувам Советот да помогне да се спречи хуманитарна катастрофа и апелирам за прогласување хуманитарен прекин на огнот“, објави Гутереш на X (поранешен Твитер). Членот 99 му дозволува на генералниот секретар да го насочи вниманието на Советот за безбедност кон „секое прашање што, според него, може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“.
Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен остро го критикуваше потегот на Гутереш.
„Мандатот на Гутереш е опасност за светскиот мир. Неговото барање за активирање на членот 99 и повик за прекин на огнот во Газа претставува поддршка за терористичката организација Хамас и одобрување за убиство на стари лица, киднапирање бебиња и силување на жени“, објави Коен на X.
„Секој кој го поддржува светскиот мир мора да го поддржи ослободувањето на Газа од Хамас“, додаде тој.
Генералните секретари со децении не се повикуваат на членот 99.
Нема директни последици од повикувањето на член 99. Сепак, треба да се очекува дека Советот за безбедност ќе се состане оваа недела за да разговара за ова прашање и дека Гутереш исто така ќе биде присутен. Вообичаено е членовите на Советот за безбедност сами да одлучуваат кои прашања ги сметаат за закана за светскиот мир и затоа да ги стават на дневен ред.