Пет хокеари од канадскиот јуниорски тим кој го освои златниот медал на Светското првенство во 2018 година се соочуваат со обвинувања за сексуална злоупотреба.
Канадскиот весник „Глоуб и мејл“ вчера објави дека пет мажи се поврзани со наводен сексуален напад што се случил во јуни 2018 година и добиле наредба да се предадат на полицијата во Лондон, во канадската сојузна држава Онтарио.
Во својот извештај, „Глоуб и Мејл“ не ги именуваа членовите на јуниорскиот тим кои би можеле да се соочат со обвиненија, но се шпекулира дека најмалку четворица од обвинетите моментално играат во НХЛ, додека петти е член на швајцарски клуб.
Полицијата најави дека на почетокот на следниот месец ќе одржи прес-конференција на која ќе извести за истрагата.
„Разбираме дека постои значителен јавен интерес за истрагата за сексуален напад која датира од 2018 година. Иако не можеме да обезбедиме ажурирање во овој момент, очекуваме да одржиме прес-конференција во понеделник, 5 февруари 2024 година за да споделиме дополнителни детали“, се наведува во соопштението.
ТСН објави во мај 2022 година дека една жена идентификувана само со нејзините иницијали во судските документи се спогодила за околу 3,55 милиони долари во тужбата што ја поднела против Хокеј Канада и другите обвинети, вклучително и осум неименувани играчи.
Жената го пријавила наводниот напад во хотелска соба во Лондон во јуни 2018 година по собирање средства за Фондацијата Хокеј Канада.