Откако Западот интервенираше во специјална воена операција на страната на Украина, специјалната воена операција се претвори во војна, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Ние сме во војна. Да, почна како специјална воена операција, но штом таму се формираше група, кога колективниот Запад стана учесник на страната на Украина, тоа стана војна за нас. Во тоа сум убеден и тоа треба да го разберат сите“, изјави Песков во интервју за весникот „Аргументи и факти“.
Тој додаде дека сега најважна работа за Русија е безбедноста на луѓето на териториите кои, како што наведе, биле де факто окупирани од Киев, пренесува РИА Новости. Тој додаде дека Русија ќе продолжи да дејствува за воениот потенцијал на Украина да не ја загрозува безбедноста на нејзините граѓани и територија.
Песков, исто така, нагласи дека Русија не може да дозволи постоење на држава на нејзините граници која ја документирала својата „намера да користи какви било методи“ за, како што рече, окупација на Крим и нови региони, наведува руската агенција.