Папата Лав XIV упати силен повик за мир и прекин на насилството во воените жаришта ширум светот, нагласувајќи дека никој не треба да биде принуден да го напушти својот дом поради закани од војна и бомбардирања.
За време на молитвата за мир во Ватикан, поглаварот на Римокатоличката црква порача дека стремежот кон моќ и вербалното насилство мора да отстапат место на правдата, вистината и дијалогот.
„Невините повеќе не смеат да пролеваат солзи“, истакна папата во своето обраќање.
Мирот е можен и во време на конфликти
Лав XIV нагласи дека мирот е достижен дури и во период на зголемени тензии и вооружени судири, доколку светот ги слушне гласовите на оние кои најмногу страдаат.
Тој посебно ги спомена невините деца, загрижените родители, затворениците кои трпат злоупотреби, бегалците и сите луѓе погодени од војните.
Според него, сите тие имаат една заедничка порака – желбата за мир.
Одговорност и за поединците
Папата порача дека одговорноста за создавање помирно општество не е само на политичарите и државите, туку и на секој поединец.
Тој ги повика луѓето да се воздржат од вербално и физичко насилство, како во секојдневниот живот, така и на социјалните мрежи, нагласувајќи дека и малите постапки можат да придонесат за поголемо меѓусебно разбирање и почитување.
Втора голема порака за мир
Ова е второ значајно обраќање на папата Лав XIV посветено на мирот. Во април тој предупреди на опасностите од, како што ги нарече, „заблудите за семоќност“, кои според него стануваат сè понепредвидливи и поагресивни.
Таа изјава тогаш предизвика реакции во САД и незадоволство кај американскиот претседател Доналд Трамп, а нивната јавна размена на пораки беше тема на бројни светски медиуми.