Папата Франциско потврди дека „веќе ја подготвил“ својата гробница во римска базилика, што е уште еден доказ за неговата желба да ја прекине долгогодишната традиција на Ватикан. Франциско, кој на 17 декември ќе наполни 87 години, изјави за мексиканската телевизија Н+ дека ќе биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во римскиот кварт Ескилино, каде што оди да се моли пред и по патувањето во странство.
Повеќе од 100 пати ја посетил базиликата од петтиот век, каде што се моли пред ликот на Богородица и малиот Исус. На крајот на минатиот месец, Франциско го откажа своето патување на климатскиот самит Cop28 во Дубаи поради акутен бронхитис.
Сега во разговор со новинарката Валентина Алазраки рече дека се сретнал со водач на церемонии за да ги поедностави папските погреби. „Ќе започнам нов ритуал“, нагласи тој. Папите обично се закопуваат во пештери под базиликата Свети Петар во Ватикан, пишува Гардијан.
„Во најмала рака, ова е уште еден прекин на долгогодишната традиција, исто како и неговата одлука да не живее во Апостолската палата (официјалната папска резиденција)“, рече Педи Агњу, ватикански известувач за ирскиот Сандеј Индипендент.
Здравјето на папата се влоши во последниве години, принудувајќи го да користи инвалидска количка и поттикна шпекулации дека може да се повлече од функцијата, како што направи неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти. Франциско го оперираше дебелото црево во 2021 година и беше хоспитализиран поради бронхитис на почетокот на април.