Адвокатите на Кол Ален, обвинет за обид за атентат врз Доналд Трамп, побараа од судијата да ги ублажи затворските ограничувања, кои ги опишаа како „казнени“.
Ален (31) минатата недела, на 27 април, се обидел да ја пробие безбедносната проверка на вечерата за дописници во Белата куќа и при тоа испукал истрел од сачмарка.
Според поднесокот до американскиот Окружен суд за Дистрикт Колумбија, по апсењето Ален бил сместен во „безбедносна ќелија“, опишана како обложена просторија со целосна изолација, каде што морал да носи „елек налик на лудачка кошула“.
Подоцна бил префрлен под „мерки за надзор поради опасност од самоубиство“, што значи дека и понатаму не смее да телефонира, да прима посети освен од адвокатите, ниту да ја напушта ќелијата освен под придружба за туширање или средби со правниот тим.
Во поднесокот се наведува дека медицинска сестра уште во петокот препорачала укинување на тие мерки, но тие останале во сила.
Адвокатите на Ален тврдат дека ваквиот статус „претставува казна“ и му оневозможува користење затворски таблет за комуникација со семејството, како и преглед на судските документи доставени до него.
Ален е обвинет за обид за атентат, пукање со огнено оружје при извршување насилен злостор, како и за нелегален транспорт на оружје и муниција преку сојузни граници.
Овој хонорарен наставник и аматерски програмер на видеоигри од Калифорнија се изјаснил дека не е виновен, а до судењето ќе остане во притвор.
Во меѓувреме, американската обвинителка Џенин Пиро изјави дека владата поседува докази оти за време на обидот за атентат бил застрелан федерален агент.
„Скај њуз“ претходно објави дека постои можност агентот случајно да бил погоден од куршум испукан од еден од неговите колеги.
Обвинителството оваа недела објави и снимка за која тврди дека го прикажува осомничениот Ален како ја извидува локацијата и се пробива низ безбедносната точка со подигнато оружје додека агент на Тајната служба отвора оган.
Министерството за правда објави и фотографии од ноќта на нападот на кои се гледа Ален како позира со оружје.
Обвинителите наведуваат дека кај себе имал нож во футрола, рамена футрола за пиштол и торба полна со муниција.