Добитничката на Нобеловата награда за мир за 2023 година, иранската активистка Наргес Мохамади, која е затворена во Иран, се наоѓа во критична кардиолошка состојба.
Според Фондацијата „Наргес Мохамади“, таа пред два дена била префрлена од затвор во болница во градот Занџан, откако двапати изгубила свест и доживеала тежок срцев удар.
Фондацијата бара нејзиното лекување да продолжи во специјализирана болница во Техеран.
Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир поради децениската борба за правата на жените и укинување на смртната казна во Иран.
Таа во февруари годинава повторно беше осудена на седум и пол години затвор за, како што наведуваат иранските власти, „антидржавна пропаганда“.
Нобеловиот комитет побара Техеран веднаш да ја ослободи.