Орбан: „Ме притиснаа до ѕид“

Орбан-„Ме-притиснаа-до-ѕид.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека бил „турнат до ѕид“ за да го одобри договорот на Европската унија за испраќање нова помош за Украина и на тој начин го избегнал ризикот Унгарија да ги загуби средствата од фондовите на Унијата.


Орбан изјави за државното радио дека одлуката што ја донел во четвртокот е добра, бидејќи ако Унгарија ставила вето на новата финансиска помош на ЕУ за Украина, другите 26 членки на Унијата ќе се согласеле да испратат помош, а на Будимпешта ќе и бидат одземени средствата наменети од европските фондови, објави Ројтерс.

Орбан тврди дека успешно спречил пренасочување на унгарските пари од фондовите на ЕУ во Украина, објави агенцијата „МТИ“.

„Ние не испраќаме оружје, ги добиваме нашите пари од Брисел и ќе придонесеме за цивилното финансирање на Украина“, рече Орбан.

Орбан повтори дека треба да почнат мировните преговори меѓу Украина и Русија, оценувајќи дека времето е на страната на Русите, како и дека Брисел треба да ги насочи сите свои напори на што поскоро постигнување примирје, по што би следеле мировни преговори.
Орбан истакна дека по самитот на ЕУ во четвртокот, Украина повеќе ги почитува правата на унгарското малцинство во Заткарпатскиот регион.

Орбан рече дека на украинските земјоделски производи не треба да им се дозволи влез на европскиот пазар под сегашните услови, тврдејќи дека „би било најдобро воопшто да не им се дозволи“.

Унгарскиот премиер посочи дека на самитот на лидерите на ЕУ имало жестока дебата за ова прашање и дека неколку од нив ја повикале Европската комисија да не дозволи увоз на украински земјоделски производи.

Лидерите на ЕУ едногласно се согласија во четвртокот да испратат на Украина помош од 50 милијарди евра.

Орбан неколку недели претходно изјави дека Унгарија нема да и додели финансиска помош на Украина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK