Унгарскиот премиер Виктор Орбан побара на претстојниот самит на лидерите на Европската унија следната недела да се избегне донесување одлука за почеток на преговорите на Украина за членство во ЕУ.
Тоа барање Орбан го изнесе во писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и наведе дека на самитот не треба да се одлучува за планираниот буџет, кој вклучува 50 милијарди евра економска поддршка за Киев.
Како што јави Ројтерс, таквиот став е спротивен на ставот на Европската комисија, која минатиот месец препорача лидерите на ЕУ да дадат „зелено светло“ на Украина за почеток на пристапните преговори, но за да биде усвоена таквата одлука, потребна е едногласна поддршка од земјите членки.
„Со почит ве повикувам да не барате од Европскиот совет да одлучува за овие прашања во декември бидејќи очигледниот недостаток на консензус неизбежно ќе доведе до неуспех. Европскиот совет мора да го избегне ова контрапродуктивно сценарио заради единството, нашата најважна предност“, напиша Орбан во писмото до Мишел.
Британската агенција наведува дека пристапувањето во ЕУ е од големо значење за Украина, поради војната против Русија која започна во февруари 2022 година.
Дипломатите од земјите на ЕУ кои ја поддржуваат Украина изразија загриженост дека немањето договор за преговори за членство и финансиска помош на самитот ќе биде голем политички удар за Киев во средината на војната и може да биде форма на поддршка за Русија.