Помошта за Украина во борбата против руската инвазија не смее да му наштети на буџетот на Европската унија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Унгарија се противи на ревизијата на буџетот на ЕУ за да се издвојат 50 милијарди евра за Киев и други задачи како што е миграцијата.
Европските лидери ќе одржат самит на 1 февруари на кој ќе разговараат за ова.
„Ако сакаме да и помогнеме на Украина, што мислам дека треба да го направиме, мора да го направиме тоа без да му наштетиме на буџетот на ЕУ“, рече Орбан на прес-конференција.
„Но, давањето 50 милијарди евра од буџетот на ЕУ четири години однапред е кршење на суверенитетот и националните интереси на ЕУ. Ние дури и не знаеме што ќе се случи за три месеци“, рече тој.
Орбан ова го изјави по средбата со словачкиот премиер Роберт Фицо, кој исто како и тој верува дека нема да има воено решение за војната во Украина, која започна пред две години.
Орбан рече дека финансиската програма за Украина треба да се одвои од буџетот на ЕУ.
Тој објасни дека унгарскиот предлог за воспоставување ваков механизам се заснова на распределба на помошта врз основа на бруто националниот доход.
„Ако Брисел го прифати, тогаш ќе има помош за Украина, надвор од буџетот“, рече тој. „Ако не, тогаш ќе ми биде жал што морам да го стопирам тој процес“.