ОН: Воздушната и поморската помош за Газа не можат да ја заменат копнената

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Испораката на хуманитарна помош за Газа по воздушен или морски пат не може да ја замени копнената рута, посочи вчера координаторот на ОН за помош на палестинската територија.



„Зборував за важноста од диверзификација на патиштата за снабдување по копно. Ова останува оптимално решение: полесно, побрзо, поевтино, особено затоа што знаеме дека ни треба континуирана хуманитарна помош за луѓето во Газа во долг временски период“, рече Сигрид Кааг по затворениот состанок на Советот за безбедност.

Осврнувајќи се на неодамнешната испорака на воздушна помош од страна на Соединетите држави и други земји, таа го поздрави „симболот на поддршка за цивилите во Газа, доказ за нашата заедничка хуманост“. „Но, тоа е капка во океанот“.

„Воздухот и морето не можат да го заменат она што мора да пристигне по копно“, рече поранешната холандска министерка.

Таа ја поздрави американската најава за изградба на привремено пристаниште во Газа за транспорт на хуманитарна помош по морски пат, навестувајќи дека и други „големи земји“ ќе се приклучат на овој „поморски коридор“ почнувајќи од Кипар.

Запрашана за главните пречки во доставувањето помош за жителите на Газа, Сигрид Кааг рече дека треба да се отворат повеќе копнени премини, нагласувајќи го и комплицираниот процес на гранична контрола.

„И со континуираните борби, очајните луѓе, растргнатото општествено ткиво и зголеменото беззаконие, од друга страна ни станува сè потешко да ја добиеме и да ја дистрибуираме безбедно, откако ќе се провери“, рече таа.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН објасни дека камионите кои пристигнуваат на преминот Рафах, на границата со Египет, мора да се истоварат по проверка и повторно да се натоварат од страната на Газа во камиони кои често се помали и ги има премалку.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK