Околу 186.000 мигранти и бегалци годинава пристигнаа во јужните европски земји, објави Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
Се додава дека најголем број од нив влегле во Италија – повеќе од 130 илјади, што е зголемување за 83 отсто во однос на минатата година, пренесува АП.
Остатокот отишол во Грција, Шпанија, Кипар и Малта.
Истовремено, од јануари до 24 септември годинава загинале или исчезнале речиси 2,8 илјади лица кои се обиделе да го преминат Медитеранот, што е значително зголемување во однос на 1.680 лица кои загинале или исчезнале во истиот период лани.
Најголемиот број бегалци и мигранти кои се обиделе да стигнат до Европа преку Медитеранот има од Тунис – повеќе од 102 илјади, според извештајот, пренесува Танјуг.
Околу 30.000 луѓе беа спасени на море или беа пресретнати и преместени во Тунис, додека речиси 11.000 беа во Либија.
УНХЦР истакна дека мигрантите и бегалците кои се обидуваат да стигнат до јужна Европа се соочуваат со „ужасни услови“.