Откако собра пари во јануари, Доналд Трамп е уште подалеку зад Џо Бајден финансиски, бидејќи потрошил повеќе на реклами и други трошоци отколку што собрал од донатори, покажуваат документите.
Трамп имаше нешто повеќе од 30 милиони долари на крајот на минатиот месец по успешните републикански прелиминарни избори во Ајова и Њу Хемпшир, што е помалку од околу 33 милиони долари еден месец претходно, соопшти неговиот изборен штаб во поднесоците до Федералната изборна комисија.
Бајден, кој води полесна трка за номинација на Демократската партија, во документите доставени до Комитетот рече дека јануари го завршил со 56 милиони долари, наспроти 46 милиони долари во декември минатата година.
Кампањата на Трамп објави дека собрала 8,8 милиони долари во јануари и потрошила повеќе од единаесет милиони, вклучително и повеќе од 5 милиони долари за реклами и пораки.
Кампањата на Бајден собра 15 милиони долари во јануари и потроши нешто помалку од 6 милиони долари. Кога сметките за кампањата се комбинираат со други изборни сметки во Демократската партија, Бајден собра вкупно 130 милиони долари.
Трамп и претходно покажа дека може да победи на изборите и кога неговите ривали трошат повеќе од него, како што беше случајот со Хилари Клинтон во 2016. Според националните анкети, Трамп и Бајден се во тесна трка и се очекуваат неизвесни избори во ноември.