Пет дена по невидената драма на летот од Солун до Менингем, кога дел од моторот удри во стаклото и го скрши прозорецот на преполн патнички авион и доведе до декомпресија што речиси го истисна српскиот државјанин Љубиша Каровиќ од авионот, се појавија нови снимки од инцидентот.
Како што објави Би-би-си, жената што го држеше својот сопруг за нозете додека силниот притисок речиси го истиснуваше од прозорецот на авионот на компанијата Рајанер во петокот, рече дека „половина од неговото тело било надвор од авионот“.
Светлана Грковиќ, која патуваше со својот сопруг Љубиша Каровиќ од Солун, Грција, до Меминген, Германија, изјави за грчкиот ЕРТ дека нејзиниот сопруг „бил надвор до гради“ цели две минути.
„Веднаш реагирав и го зграпчив за нозете. Помислив: „Ако умреме, ќе умреме заедно“, рече Грковиќ.
Со помош на уште двајца патници, Грковиќ успеа да го врати својот сопруг во авионот. Тој ја изгуби свеста три пати за време на драматичниот настан, рече таа.
„Девојката што седеше до него го држеше за рака“, изјави Грковиќ за ЕРТ. „Тројцата го влечевме назад во авионот. Маските за кислород паднаа и настана хаос. Го ставија куферот до прозорецот, но притисокот го вшмука“, додаде таа.
Грковиќ рече дека изгледало како дел од моторот на авионот да се скршил, кршејќи го прозорецот до нејзиниот сопруг и предизвикувајќи декомпресија во кабината. Други патници, исто така, пријавиле дека слушнале звук што звучел како експлозија.
Патниците претходно им кажале на локалните медиуми дека Каровиќ носел сигурносен појас, што им помогнало на другите патници да го држат, иако главата и рамената му биле надвор од авионот.
Светлана Грковиќ рече дека нејзиниот 61-годишен сопруг е „сериозно повреден и во состојба на шок“.